Search

Центарот за истражување и креирање полити во рамки на проектот „Мрежа за родово одговорно буџетирање во Западен Балкан и Република Молдавија“, финансиски поддржан од Австриската агенција за развој и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка,денеска ја претстави родово-фискалната анализа под наслов „ Справување со ковид-19: како трошењето на јавните пари влијае на родовата еднаквост?“.     

При отворањето на настанот, воведни обраќања имаа ЛукасБахмајер, заменик амбасадор на Австрија во земјава и МикаелАтерхог, раководител на одделот за развојна соработка при Амбасадата на Шведска. И двајцата посочија дека кризата предизвикана од ковид-19 дополнително ги продлабочи и онака постојните родови јазови во општеството. Заменик амбасадорот Бахмајер посочи дека кризата придонесе за зголемување на родово заснованото насилство и грижата на жената во семејството, па оттаму родовото одговорно буџетирање треба да се гледа како клучна алатка за постигнување родова рамнотежа. Од друга страна, г. Ахтерог укажа дека родовата еднаквост е врвен приоритет на шведската влада, а со тоа и на помош која доаѓа од таму. Во овие времиња на предизвици според него е важно владите да обезбедат почитување на меѓународните стандарди за заштита на човековите права, но истовремено обезбедувајќи видлива транспарентност и вклученост во развојот и приемната на мерките за справување со кризата од ковид-19. Свое обраќање имаше и Претседателката на Комисијата за еднакви можности при македонското Собрание, Гордана Силјановска Давкова која спомена дека студијата јасно покажува дека жените се попогодени од кризата споредено со мажите и дека првично помошта замина кај големите и профитабилни фирми, а дури потоа кај ранливите категории граѓани. Клубот на жените пратенички и матичната комисија според неа се одлични алатки за надминување на партиските стеги, а со тоа и решавање на основните човечките потреби.                     

При претставувањето на главните наоди, Ристе Јуруковски која беше вклучен во развојот на студијата како независен истражувач посочи дека мерките не помогнаа кон задржување на економската активност на жените и врз нив падна најголем дел од товарот на грижа за децата и семејството. Имено, од 46 анализирани мерки кои може да имаат родова димензија, а беа наменети за полесно справување со кризата од ковид-19, само за 14 од нив може да се смета дека се родово позитивни, а само две родово трансформативни. Дополнително, Јуруковски посочи дека отпуштањата од работа се побројни кај жените, а како најпогодени се оние во Југо-источниот регион и тоа пред сè од услужните дејности.  Тој спомена и дека мнозинство од невладините организации (53.7%) сметаат дека жените воопшто на биле консултирани при развојот на мерките, а од друга страна се и на стојалиште дека мерките делумно одговорија на потребите на мажите и жените. Наодите, дополни Јуруковски,  упатуваат и на тоа дека 48% од граѓанските организации тврдат дека јавните набавки не беа транспарентни и истите не ја вклучуваа родовата компонента при изборот на најповолен понудувач.                                                                                                                  

Марија Ристеска, проектна и извршна директорка на ЦИКП се задржа на заклучоците и препораките укажувајќи дека власите се должни да објават фискални извештаи за трошењето на парите за справување со ковид-19 кои ќе вклучуваат и родова перспектива, а Државниот завод за ревизија да почне да применува т.н. „родови ревизии“ со цел да се даде јасен приказ за ефикасноста и влијанието на спроведените мерки и потрошените пари. Во развојот на мерките за периодот по  кризата, Ристеска апелираше на задолжителна и активнаинклузивност при што родовата еднаквост како компонента ќе биде составен дел од нив. Ристеска напомена и дека сите институции треба да обезбедат и да чуваат полово разделени индикатори за да може соодветно да се анализира состојбата и да се развијат мерки и политики согласно вистинските потреби на мажите и жените.

Доколку сакате поподробно да се запознаете со наодите од студијата, кликнете тука.