Search

Наодите од трошковната анализа на производите за управување со менструалното здравје, спроведена во рамки на проектот „Родова даночна дискриминација“, беа презентирани од страна на невладината организација „Новинари за човекови права“ на онлајн средба вчера. Златко Симоновски од Центарот за истражување и креирање политики кои всушност се и носители на проектот „Мрежа за родово одговорно буџетирање во Западен Балкан и Република Молдавија“, рече дека менструалната сиромаштија и стапката со која се оданочуваат менструалните производи се еклатантен пример за тоа како основните животни потреби државата ги поистоветува со луксуз.

– Стапката на оданочување која се применува за менструалните производи е иста и за алкохолот, цигарите, облеката, нешто без кое можеме да живееме, но не и тоа што претставува суштинска потреба за управување со менструалното здравје. Во фаза сме на изработка на регионална кампања за застапување во која ќе ги предочиме сите даночни неправди со кои се соочуваат жените во Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија и Молдавија. Бараме повластена даночна стапка и достоинствени услови за управување со менструалното здравје во јавните установи пред се во училиштата – додаде Симоновски.

Презентирајќи ги наодите од трошковната анализа на производите за управување со менструалното здравје Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“ посочи дека нивното истражување покажало дека од вкупно 1.290 интервјуирани жени, дури 380 жени или 29,5 отсто не можат да си дозволат никаков пристап до производи за управување со менструалното здравје и наместо нив користат весници, хартија или самонаправени влошки од текстил. Од вкупно анкетираните жени, 75,6 отсто одговориле дека причината за тоа е високата цена на производите.

– Од влошките кои ги има на пазарот, тие кои се квалитетни, односно препорачливи за користење, чинат 125 денари, а во просек секоја жена троши по две пакетчиња или 250 денари, како и дополнителни 150 денари за лекови за ублажување на стомачните болки. Нашето истражување покажа дека 36 отсто од жените еден до два дена во месецот отсуствуваат од работа, а 70 отсто пијат лекови за намалување на болката. Кај социјално загрозените семејства 15 до 17 отсто од примањата треба да се одвојат за управување со менструалното здравје на женските членови на семејството – посочи Доковска.

Посочувајќи ги европските искуства, Доковска потсети дека Велика Британија целосно го укина ДДВ-то за менструални производи, а истата стапка се движи од три до 13 отсто во Грција, Латвија, Италија, Словачка, Австрија, Словачка, Австрија, Словенија, Шпанија, Холандија, Кипар, Естонија, Полска. Највисок ДДВ има во Унгарија, во Германија се на чекор тоа да биде намалено на три отсто, а сè уште над 20 отсто е во Бугарија, Литванија, Финска, Шведска, Хрватска и Данска. Во  регионот најнизок ДДВ на менструални производи има во Босна и Херцеговина каде изнесува 17 %, кај нас е 18 %, 20 % е во Србија и Албанија, а 21 % изнесува стапката во Црна Гора.

-Субвенционирање на цената на производите за менструално здравје, намалување или укинување на ДДВ-то на менструалните производи, обезбедување бесплатни пакети со менструални производи за ученичките вклучени во образовниот процес, достапност во тоалетите на компаниите до бесплатни менструални производи кои ќе им бидат оставени бесплатно на располагање на жените, како и во женските тоалети во трговските центри, и хотелските соби истовремено со воведување менструалното отсуство се само дел од барањата кои „Новинари за човекови права“ ќе ги достави до Владата и Министерството за финансии, истакна Доковска.

Таа рече дека Град Скопје веќе се обврзале дека во средните училишта ќе обезбедат бесплатни менструални производи и додаде дека како организација веќе обезбедиле две основни училишта со бесплатни менструални производи во Ресен и Тетово, а изрази надеж дека тоа ќе го направат и во неколку други општини.

–Ова се барања кои сметаме дека ќе го вратат достоинството на жената. Влогот во менструалното здравје е влог во здрави поколенија – посочи Доковска.

Осврнувајќи се на здравјето, Џансун Буковец од Институтот за јавно здравје рече дека само 10 отсто од жените во државава имаат услови за одржување на менструална хигиена, а голем процент од нив немаат услови, како на пример поради немање врата или светлина во тоалетите.

– Влошките се инфективен материјал. Со актуелниот состав се неразградливи во природата долг временски период и ја загадуваат околината –  рече Буковец.

Како што посочи тој, треба да се прилагодат училишните тоалети, да постојат јасно поделени машки и женски тоалети, во кабината за женски лица да има чешма со топла вода, огледало и по можност биде, а ако нема ВЦ школка од која излегува вода, сапун и бришач, да има посебни канти за менструален отпад и за тоалетна харија. Буковец додаде и дека треба да има лесен пристап до тоалетите за лица со попреченост и во близина на училиштата да има продавници каде може да се набават и менструални производи.