Буџетот за 2025 година, кој се очекуваше да биде првиот со родова компонента, не е целосно усогласен со барањата од член 35 од новиот Закон за буџети, бидејќи не содржи сумиран преглед на изјавите за родово буџетирање на буџетските корисници, регулирани во точка 2, потточка 5, како дел од буџетската документација што се доставува заедно со Предлог-буџетот.
Центарот за истражување и креирање политики, член на International Budget Partnership (организација што го подготвува Глобалниот индекс за отвореност на буџетите), како и лидер на Мрежата за Родово Одговорно Буџетирање, укажува дека без јасни, транспарентно објавени и лесно разбирливи информации за средствата наменети за родова еднаквост, Владата не го исполнува ниту индикаторот 5с1 од Целите за одржлив развој на Обединетите нации.
Намалени средства за политики за родова еднаквост
Во контекст на зголемени расходи за поголем дел од буџетските програми, средствата наменети за Програма 8 „Родова еднаквост и недискриминација“ се намалени за значителни 41,5% во однос на Буџетот и Ребалансот за 2024 година. Ова значително ќе ја ограничи реализацијата на Стратегијата за родова еднаквост и намалувањето на родовите разлики.
Недоволно дефинирани родови цели
Иако член 31 од Законот за буџети бара секој буџетски корисник да утврди најмалку една родова цел, тоа го направиле само:
- Собранието на Република С. Македонија
- Секретаријатот за законодавство
- Министерството за труд и социјална политика, демографија и млади
- Министерството за спорт
Дури и во овие институции, родовите цели се декларативни и не се поддржани со конкретни мерливи индикатори, освен во случајот на Министерството за спорт. Неверојатно е што останатите буџетски корисници не успеале да дефинираат родови цели, бидејќи нема област на работа што е родово неутрална.
Недостаток на родови индикатори
Буџетот за 2025 година нема алатки за следење на напредокот во остварувањето на родовите цели. Само две институции имаат индикатори со родова распределба:
- Министерството за здравство го постави индикаторот „Број на жени кои користат бесплатна пренатална грижа“, но очекуваниот број е намален од 300 (2024) на само 100 (2025). Ова значи дека се очекува намалување на бесплатниот пристап до превентивна и куративна грижа за жените за време на бременост, односно бесплатната услуга ќе биде достапна за помал број жени.
- Министерството за спорт воведе нов индикатор за „Опфат на жени вклучени во спортот“, што е позитивен чекор, но единствен меѓу институциите.
Мрежата за Родово Одговорно Буџетирање апелира до Собранието итно да се ревидира предложениот буџет за 2025 година. Неопходно е:
- Да се зголемат средствата за имплементација на политиките за родова еднаквост;
- Да се вклучат родови цели кај сите буџетски корисници, во согласност со член 31 од Законот за буџети;
- Да се воведат јасни и мерливи родови индикатори за следење на ефективноста на буџетските програми, исто така во согласност со член 31 од Законот за буџети.
Недостигот на овие мерки го доведува во прашање напредокот кон родова еднаквост, но може и директно да влијае врз апсорпцијата на средства од Европската унија, имајќи предвид дека со Акцискиот план 3 за родова еднаквост, ЕУ се обврза 85% од надворешното финансирање (вклучувајќи го и финансирањето за земјите кандидати) да го насочува кон родово одговорни цели. Владата мора да ја преземе одговорноста и да обезбеди јавните средства да се распределуваат на начин што придонесува кон затворање на клучните разлики во еднаквоста меѓу мажите и жените.
Иако се очекуваше буџетот за 2025 година да биде првиот буџет што систематски ќе содржи родова компонента, Мрежата за Родово Одговорно Буџетирање смета дека Владата не успеа да достави родов буџет во 2025 година.