Експерти, претставници на институциите на Европската Унија и земјите членки, претставници на граѓански организации и активисти се собраа во Никозија од 25 до 28 март 2026 година на конференција посветена на темата „Родово одговорно буџетирање во новата Повеќегодишна финансиска рамка на Европската Унија: Буџети што придонесуваат за родова еднаквост и заштита на човековите права на жените“. Настанот се одржа под покровителство на Кипарското претседателство со Советот на Европската Унија 2026.
Во пресрет на подготовката на новата седумгодишна финансиска рамка на Европската Унија, учесниците нагласија дека ова е клучен момент да се обезбеди буџет кој ќе придонесе за создавање поправедно, поинклузивно и поодржливо општество. Беше истакната потребата идните европски инвестиции да бидат насочени кон области кои имаат суштинско значење за граѓаните – родовата еднаквост, грижата, социјалната инклузија и заштитата на човековите права.
Посебно внимание беше посветено на улогата на родово одговорното буџетирање како механизам што може да обезбеди јавните средства да придонесуваат за намалување на нееднаквостите. Учесниците се заложија идната Повеќегодишна финансиска рамка да содржи јасно дефинирани цели, индикатори и наменски средства за унапредување на родовата еднаквост.
Во текот на дискусиите беше истакната потребата новиот буџет на Европската Унија да вклучи конкретни обврски за промовирање на родовата еднаквост, преку интегрирање на родовите цели во програмите за финансирање, како и обезбедување посебно наменети средства за политики што ја унапредуваат родовата еднаквост и за спречување и борба против родово базираното насилство.
Учесниците оценија дека процесот на подготовка на новата Повеќегодишна финансиска рамка претставува единствена можност за институциите, граѓанското општество и другите чинители заеднички да придонесат кон создавање европски буџет кој ќе биде пофер, поинклузивен и ќе обезбеди еднакви можности за сите.
Членките на Мрежата за родово одговорно буџетирање (МРОБ) ги презентираа резултатите од своите истражувања, експертизата и препораките за унапредување на примената на родово одговорното буџетирање во новата Повеќегодишна финансиска рамка на Европската Унија.
Во рамки на панел-дискусијата беше истакнато дека:
- буџетите треба да бидат насочени кон потребите на граѓаните, да се темелат на реални анализи на потребите и да обезбедат поголема транспарентност во трошењето на јавните средства и нивното влијание;
- во услови на конфликти, како што е војната во Украина, родово одговорното буџетирање е од особено значење за да се обезбеди средствата да стигнат до оние на кои им се најпотребни;
- граѓанските организации имаат клучна улога во следењето на спроведувањето на јавните политики и поддршката на реформите, поради што е неопходно да добијат соодветна политичка и финансиска поддршка.
Како панелисти од МРОБ учествуваа Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики (Северна Македонија), Мирела Арќимандрити, извршна директорка на Центарот „Gender Alliance for Development (GADC)“ (Албанија) и Никол Фарнсворт, заменик-директорка и главна истражувачка во „Kosova Women’s Network“ (Косово).
Во панел-дискусијата свое излагање имаше и Оксана Цуипа, вонредна професорка на Националниот универзитет „Васил Стефаник“ од Карпатскиот регион во Украина.
Дискусијата се одржа во рамки на конференцијата „Родово одговорно буџетирање во новата Повеќегодишна финансиска рамка на Европската Унија“, организирана во Кипар во соработка со UN Women, European Women’s Lobby, Women’s Budget Group, Универзитетот на Кипар, Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP) и Општина Никозија.
Инвестирајте во она што им е важно на граѓаните! Ова беше една од главните пораки што се повторуваше во текот на конференцијата. Учесниците изразија загриженост дека предлозите за следниот долгорочен буџет на Европската Унија можат да ги стават во втор план родовата еднаквост и социјалните приоритети. Беше истакнато дека фокусот на финансирањето на ЕУ кон конкурентноста и безбедноста не смее да биде на сметка на целите поврзани со социјалната и родовата еднаквост.
Главниот резултат од конференцијата е Декларацијата од Никозија, со која се повикуваат институциите на Европската Унија да дадат приоритет на финансирањето за родова еднаквост, правата на жените, грижата и социјалните политики; да вклучат јасно дефинирани цели за родова еднаквост во програмите за финансирање на ЕУ; и да ја интегрираат родовата перспектива во сите фази од буџетскиот циклус на Европската Унија.
Академската заедница, експертите, креаторите на политики и активистите започнаа петиција со која ги повикуваат институциите на Европската Унија и националните влади да обезбедат следниот буџет на ЕУ да придонесе за родова еднаквост и подобар квалитет на живот за сите граѓани.
Потпишете ја петицијата тука: 👉 https://form.jotform.com/260853624523356








