Од 23 до 28 август 2023 година, претставници од Мрежата за родово одговорно буџетирање (МРОБ) се сретнаа во Кишинев, Молдавија со цел да одржат работилница за развој на Комуникациска стратегија и акциски план.
Агендата опфати повеќе различни теми и прашања, поврзани со комуникациската стратегија и истата ја модерираше др. Људмила Малкочи, директорката на Keystone за регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Најпрво, тимот направи SWOT анализа на комуникациските капацитети и практики на мрежата, при што сите претставници од партнерските организации земаа активно учество. Понатаму, тимот се фокусираше на прецизирање на мисијата, визијата и целите на Комуникациската стратегија на МРОБ, како и на дефинирање најсоодветни алатки и канали за успешно испраќање пораки до целните групи.
Последните два дена од работилницата беа посветени на дискусии за развој на методологијата за родово одговорно следење на буџетите за справување со климатските промени, како и за понатамошно проширување на мрежата со нови организации, преку употреба на алатките за комуникација.
Во периодот помеѓу интензивните сесии на работилницата, тимот имаше можност да ги посети и најважните знаменитости на Република Молдавија, нејзиниот главен град Кишинев, винарските визби Милести Мици и археолошкиот локалитет Орхејул Вечи.
Проектот „Зајакнување на транспарентноста и отчетноста за родова еднаквост во регионот на Западен Балкан и Молдавија“ (Мрежа за родово одговорно буџетирање, фаза II.) е финансиран од Австриската агенција за развој и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка.
Партнери во спроведувањето се Центар за истражување и креирање политики, Центар за промоција на граѓанското општество, Центар за родова алијанса за развој, Мрежа на жените на Косово, Женска акција, Центар за родово знаење и Keystone Молдавија.