На 26-ти јануари 2022 година Мрежата за родово-одговорно буџетирање во рамките на проектот „Родово одговорно буџетирање во Западен Балкан и Република Молдавија“, поддржан од Австриската агенција за развој (АДА) и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА), го организираше трет вебинар насловен „Обезбедување на еднаквоста: родово-одговорно управување со јавните финансии и улогата на граѓанските организации“. Целта на вебинарот беше да се поттикне расправа околу јавните расходи и финансиската одговорност, т.е. рамката на PEFA, како и за дополнителната рамка за проценка на родово одговорното управување со јавните финансии и улогата што граѓанските организации може да ја имаат во подобрувањето на примената на оваа методологија во Западен Балкан и Република Молдавија.
Вебинарот го отвори и модерираше Никол Фарнсворт од Мрежата на жени на Косово, која исто така даде краток вовед за суштината и целта на PEFA.
Тиа Раапана, претставничка од Секретаријатот на PEFA беше прв говорничка. Таа ја претстави дополнителната рамка на ПЕФА за проценка на родово одговорното управување со јавните финансии, велејќи дека е развиена со цел да се олесни собирањето информации за проценка на степенот на примена на родовата еднаквост во системите за управување со јавните финансии, како и решавање на различните потреби на мажи и жени. Таа додаде дека целта на овие проценки е да обезбеди одредници за успешноста преку истакнување на постигнатиот напредок и идентификување на можностите на земјите да ги прилагодат нивните системи кон применливо родово-одговорно буџетирање со цел да се намали јазот во родовата нееднаквост. Таа силно ги охрабри граѓанските организации (ГО) да ги користат овие алатки како начин за водење дијалог и преглед на практиките од различни земји. За поблиску да го долови гореспоменатото, Раапана ги сподели 9-те индикатори на GRPFM и ја нагласи важноста од поврзување на GRPRM со буџетските циклуси – циклус на подготовка на буџетот, циклус на извршување на буџетот, циклус на завршни пресметки и известување и надворешна контрола и ревизија.
Следна во редот говорнички беше Маја Босниќ, претставничка од NIRAS International Consulting. Таа ги запозна учесниците и учесничките со корисни примери од спроведените проекти за РОБ во Украина и Индонезија, како и придонесот од локалните граѓански организации. Сепак, нејзините клучни пораки беа насочени кон можностите за подобрување на системите за управување со јавните финансии во однос на родовата компонента, како што се проширување на опсегот на родово разделените податоци и нивно вклучување во буџетската документација што ќе им овозможи на владите поблизок преглед за влијанието на буџетските програми и услугите кои се нудат, поголем фокус на родовата анализа како основа родово-буџетските иницијативи, полесно следење на распределбата на буџетот за родова еднаквост и како и потребата од јавни изјава за владините приоритети за подобрување на родовата еднаквост или детали за мерките за расходи и приходи насочени кон зајакнување на родовата еднаквост.
Како последна говорничка ја имавме Мери Колинс од Европското женско лоби која истакна дека родовото буџетирање не е систематски интегрирано, со него сè уште се експериментира и тоа трае предолго. Таа, исто така, ја истакна важноста од спроведување на родово одговорно буџетирање, потсетувајќи ги сите присутните дека ниту една земја во Европската унија (ЕУ) или било каде во светот не постигнала родова еднаквост. Според Индексот за родова еднаквост согласно показателите од Европскиот институт за родова еднаквост (EIGE) јасно се забележува дека на скалата до 100, ЕУ освоила 66 поени. Ова навистина кажува дека темпото е многу бавно и ќе ни требаат 60 години за да постигнеме родова еднаквост, нагласи Колинс.
При крајот следеше дискусија и можност за прашања и одговори. Коментарите и прашањата главно се однесуваа на сличностите на дополнителната рамка на PEFA и индикаторот 5.C.1 од одржливите развојни цели, улогата на институциите на ЕУ во однос на зајакнувањето на РОБ, како и применливоста на шемите за следење на локално ниво.