Зајакнување на буџетската отчетност во Западен Балкан и Турција

Тирана беше регионален центар на реформите во областа на јавните финансии од 23 до 25 март 2026 година, кога претставници на граѓански организации, државни институции и Европската Унија се собраа на регионалниот собир „Градење сојузи за буџетска отчетност“ (Building Alliances for Budget Accountability – BABA). Настанот беше заокружен со првото регионално претставување на Истражувањето за отворен буџет (Open Budget Survey – OBS) 2025 за Западен Балкан и Турција.

Во организација на International Budget Partnership (IBP) и со финансиска поддршка од Европската комисија, тридневниот настан обедини претставници на различни организации и институции кои имаат заедничка цел – унапредување на транспарентноста, учеството на јавноста и отчетноста во управувањето со јавните финансии низ регионот.

Простор за размена на искуства, учење и соработка

Првите два дена од регионалниот собир беа посветени на размена на искуства, заедничко учење и отворен дијалог меѓу претставниците на граѓанските организации и јавните институции. Со оглед на тоа што тековната фаза од иницијативата BABA се приближува кон своето завршување, настанот претставуваше можност да се направи осврт на речиси тригодишната соработка, постигнатите резултати и научените лекции.

Учесниците дискутираа за клучните прашања поврзани со буџетската отчетност во регионот, меѓу кои:

  • Каков напредок е постигнат во унапредувањето на транспарентноста и учеството на јавноста?
  • Кои партнерства и пристапи придонеле за позитивни промени?
  • Со какви предизвици и понатаму се соочуваат институциите и граѓанските организации во процесот на унапредување на буџетската отчетност?

Преку интерактивни сесии, учесниците имаа можност да ги споделат искуствата од своите земји, да разменат добри практики и заеднички да разработат конкретни идеи и пристапи за идните активности. Посебен акцент беше ставен на потребата од посилна соработка меѓу граѓанскиот сектор и јавните институции, јакнење на капацитетите за анализа на јавните финансии и јавно застапување, како и доближување на буџетските политики до реалните потреби и секојдневниот живот на граѓаните.

Иако беше истакнат значителниот напредок постигнат во изминатите години, учесниците оценија дека соработката меѓу различните чинители сè уште не е доволно координирана и дека се потребни дополнителни напори за постигнатите резултати да се претворат во конкретни придобивки за граѓаните.

Во фокусот на дискусиите беа и:

  • градењето доверба и партнерски односи како предуслов за успешни реформи;
  • потребата од флексибилни пристапи во сложени политички околности;
  • создавање заедничка визија и порака за значењето на буџетската отчетност.

До крајот на вториот ден, учесниците ги утврдија заедничките регионални приоритети, ги сумираа клучните поуки од досегашната работа и дефинираа конкретни чекори за понатамошна соработка.

Регионално претставување на OBS 2025: Од усогласеност до доверба

Надоврзувајќи се на дискусиите од претходните два дена, третиот ден од настанот беше посветен на едно од неговите најзначајни случувања – официјалното регионално претставување на Истражувањето за отворен буџет (Open Budget Survey – OBS) 2025.

Под мотото „Од усогласеност до доверба: Зајакнување на буџетската отчетност во Западен Балкан и Турција“, настанот ги обедини претставниците на државните институции, граѓанските организации, државните заводи за ревизија и Европската Унија, кои имаа можност да се запознаат со најновите резултати од истражувањето и да разговараат за идните насоки на реформите.

Истражувањето за отворен буџет, кое за првпат беше спроведено во 2006 година, претставува единствена независна и меѓународно споредлива алатка за оценување на:

  • транспарентноста на буџетските процеси;
  • учеството на јавноста во буџетското планирање и следење;
  • надзорот и контролата врз управувањето со јавните финансии.

Резултатите од OBS 2025 покажаа дека земјите од регионот бележат напредок во исполнувањето на стандардите за буџетска транспарентност, но дека и понатаму постојат значајни предизвици во обезбедувањето вистинска отчетност, поголема доверба на јавноста и поефикасно вклучување на граѓаните во буџетските процеси.

Покрај презентацијата на резултатите, настанот претставуваше можност за отворена дискусија за приоритетите и идните чекори во реформите на јавните финансии.

Во фокусот на дискусиите беа три клучни теми, меѓу кои и:

  • Напредокот во транспарентноста и неговите ограничувања – учесниците разговараа за тоа дали зголемената транспарентност навистина придонесува за поголема отчетност и подобро управување со јавните финансии, при што беше истакнато дека исполнувањето на формалните стандарди само по себе не е доволно.
  • Зошто е важно да се надминат недостатоците во отчетноста – во услови на растечки фискални предизвици и сè поголеми очекувања од граѓаните, говорниците укажаа дека недоволниот надзор и ограниченото учество на јавноста имаат директно влијание врз квалитетот на јавните политики и довербата во институциите.
  • Како да се изгради поголема доверба – завршните дискусии беа посветени на конкретни чекори за претворање на резултатите и препораките од истражувањето во практични мерки и долгорочни реформи кои ќе придонесат за поодговорно и потранспарентно управување со јавните финансии.

Во текот на сите сесии беше нагласено дека податоците и анализите имаат вистинска вредност само доколку се преточат во конкретни активности. Зајакнувањето на буџетската отчетност бара не само квалитетни аналитички алатки, туку и политичка волја, силна меѓуинституционална соработка и активно учество на граѓаните.

Претставничките на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), Ивана Петришкова и Лилјана Таневска Арсова, учествуваа на регионалниот собир и на претставувањето на OBS 2025 како дел од Мрежата за родово одговорно буџетирање (МРОБ). Нивното учество ја истакна важноста од интегрирање на родовата перспектива во процесите на буџетска отчетност, со цел одлуките за јавните финансии да ги земаат предвид различните потреби на сите граѓани. Настанот претставуваше и можност за зајакнување на регионалната соработка, размена на искуства и идеи, како и за дефинирање на идните насоки за заедничко делување во областа на буџетската отчетност и родово одговорното буџетирање.

Facebook
Twitter
LinkedIn

You may be interested in