На 30.11.2021 година Собранието заедно со Мрежата за родово одговорно буџетирање организираше зум настан на кој расправаа за родовата перспектива на предлог буџетот за 2022 година.
Мрежата за родово одговорно буџетирање нотираше дека предлог Буџетот за 2022 година во однос на расходите на буџетот по функционални области, во споредба со претходните 3 години бележи позитивна промена на раст во буџетските средства издвоени за здравството, социјалната заштита, заштитата на животната средина и образованието, кои се сектори каде што жените се засегнати во поголема мера. Исто така беше издвоена и позитивно оцената праксата на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за млади и спорт кои во своите приоритети утврдуваат дека ќе се залагаат за унапредување на родовата еднаквост; Секретаријатот за законодавство кои ветуваат зајакнување на институционалните капацитети за родово осетливо законодавство и проценка на влијанието на законите врз родовата еднаквост; и Министерството за внатрешни работи кои се обврзуваат на унапредување на законодавството во развојот на родова еднаквост и стратегии за превенција и заштита на жените од сите форми на родово базирано насилство, вклучувајќи го и семејното насилство.
Сепак, Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики, како претставничка на Мрежата за родово одговорно буџетирање истакна дека Предлог буџетот повторно испушта шанса да понуди опсежна проценка за влијанието на родовата еднаквост, да јасно ги презентира издвојувањата од јавните финансии за родова еднаквост и оневозможува граѓаните и граѓанските организации да знаат и следат кои родови цели буџетот ќе ги оствари и со кои индикатори може да се следат.
Љупчо Пренџов, пратеник во овој собраниски состав повика на внимателно следење на она што е ветено, но и да се внимава при евентуалните ребаланси да не се реалоцираат средствата за спроведување на мерките и проектите кои имаат за цел постигнување родова еднаквост. Тој додаде и дека мора да се оддржи и некој вид на надзорна расправа за како се трошеле парите кога Собранието ќе ја добие завршната сметка на буџетот за 2021 година за да се провери колку од планираните средства за родово буџетски иницијативи се спровеле.
Заменичката претседателка на Комисијата за финансирање и буџет, Марија Петрушевска, посочи на проблемот што средствата за Комисијата за заштита од дискриминација со овој предлог се намалени за три пати споредено со лани и предупреди дека енергетската, економската и здравствената криза најверојатно најмногу ќе ја почувствуваат најранливите, но дека во буџетот не гледа дека ова се пресликува и предвидува.
Пратеничката Гордана Силјановска Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените порача дека мора да се промени начинот на кој се разгледува буџетот и амандманите, а посочи и дека сè уште нема систем за следење на трошоците од буџетот и колку тие придонесуваат кон постигнувањето на родовата еднаквост.
Пратеничката Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратенички главна причина за недоволната родова компонента во предлог буџетот гледа во доцнењето на донесувањето на Законот за буџетите со кој ќе се регулираа не само начинот на подготовката на буџетот, туку се дава и простор за транспарентно и отчетно трошење, но и следење на патот на јавните пари.
Следна за збор се јави пратеничката Снежана Калеска Ванчева која се согласи од потребата од промена на начинот на кој што се разгледува буџетот и дека сè уште има простор за унапредување на родово-одговорното буџетирање.
Сличен став изрази и пратеничката Маја Морачанин предлог-буџетот како документ мора да биде поедноставен и поразбирлив, како за пратениците, така и за граѓаните, нода се предвидат јасни показатели со кои ќе се мери успешноста на буџетот.
Пратеничката Жаклина Пешевска посочи дека сите предлози за подобрувањена постапката на носење и спроведување на буџетот мора да бидат сериозно земени предвид, бидејќи како што кажа нашата држава ја чека уште долг пат кон целосна примена на родово-одоговорно буџетирање.
Членките на Мрежата за родово одговорно буџетирање ги претставија своите предлози, но и буџетски зафаќања, за намалување на менструалната сиромаштија, зголемување ена процентот на доделена парична помош од страна на државата кон жени-земјоделки, подобруваше на општинските услуги и поддршка за спречување на родово-заснованото насилство, потребата од јавни тоалети долж македонските автопатишта и сл.
За време на дискусијата пак се подвлече дека е потребна и измена на календарот за доставување и расправа по однос на предлог-буџетот, но и доследно почитување на Законот за еднакви можности на жените и мажите каде и сега се предвидуваат материјални расправи по однос на родовата еднаквост.
Присутните на состанокот заклучија и се согласија дека во првото тримесечје од следната година неопходно ќе биде организирање на надзорна расправа по однос на Буџетот за 2021 и колку потрошените јавни пари оваа година имаа(т) придонес во намалувањето на родовите јазови во македонското општество.
Дискусијата се организираше во рамките на проектот „Мрежа за родово одговорно буџетирање за Западен Балкан и Република Молдавија“, финансиран од Австриската агенција за развој и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка.