На 15 јуни 2024 година, Елириета Бека, претставничка на Косовската женска мрежа (KWN) –членка на Мрежата за Родово Одговорно Буџетирање (МРОБ) – учествуваше на Европската граѓанска делиберација за зелената транзиција, што се одржа во Брисел во рамки на проектот REAL DEAL. Настанот, со наслов „Wild Talks: Граѓанска делиберација за природата и биодиверзитетот“, собра граѓани од цела Европа за да разговараат за еколошката транзиција и да помогнат во обликувањето на идните климатски и еколошки политики на ЕУ.
Делиберацијата, коорганизирана од Европското еколошко биро (EEB) и партнери во рамки на REAL DEAL, имаше за цел да ги внесе реалните искуства на граѓаните во процесите на креирање политики. Настанот понуди инклузивна платформа за луѓето, независно од нивното претходно техничко знаење, за суштински да учествуваат во дискусии за трансформацијата на европските земјоделски системи, заштитата на биодиверзитетот, намалувањето на хемиското загадување и обновувањето на природните предели.
Во текот на денот, Елириета активно придонесе на делиберативните сесии, споделувајќи увид од работата на KWN и МРОБ во областа на родово-одговорните еколошки политики. Таа нагласи дека зелената транзиција мора да биде не само еколошки амбициозна, туку и социјално праведна и инклузивна, особено за жените и маргинализираните заедници кои често се исклучени од процесите на одлучување.
И наутро и попладне, во работните групи посветени на теми како храна и земјоделство, хемиско загадување и диви животни, Елириета ја поврза дискусијата со важноста на родово одговорното буџетирање и партиципативната демократија, црпејќи од своето искуство во теренското застапување и мониторинг на буџети.
Елириета исто така ја претстави работата на Мрежата за Родово Одговорно Буџетирање (МРОБ) пред учесниците, нагласувајќи ја нејзината улога во следење на јавните финансии низ родова и еколошка призма. Таа го истакна и претстојното истражување на МРОБ за транспортот, кое ќе вклучи национални студии на случај и поширока регионална анализа. Во своето излагање, таа ги покани учесниците и партнерите на соработка и приклучување кон растечката заедница на МРОБ.
Activity:Gender-Responsive Budgeting: Between Desired and Successful Practices of Redistribution of Public Finances at Local, National, and Regional Levels for the Needs of Women and Men