Авторка: Марија Ристеска, директорка на програмата на Мрежата за Родово Одговорно Буџетирање (МРОБ)
Кога Европската унија го креира својот долгорочен буџет — официјално познат како Повеќегодишна финансиска рамка (ПФР) — таа не прави само распределба на средства. Таа го поставува тонот за вредностите, приоритетите и глобалните партнерства на Европа за следната генерација.
Со оглед дека тековната ПФР важи до 2027 година, ЕУ веќе го обликува својот следен финансиски пакет, кој ќе ги води трошењето и политичките приоритети длабоко во 2030-тите. Ова е клучен прозорец на можности. Одлуките што се носат сега ќе влијаат врз сѐ – од образованието и здравството до безбедноста и климатската акција – и во самата ЕУ и во нејзините партнерства со земји ширум светот, вклучително и на Западен Балкан.
Токму затоа Мрежата на Жени на Косово, горда членка на МРОБ, неодамна учествуваше во јавната консултација за следната ПФР. Ја повикавме Европската комисија родовата еднаквост да ја постави како централен столб во идното финансирање — не само декларативно, туку со конкретни, измерливи и буџетски поткрепени акции.
Што бараме и зошто е тоа важно?
Родовата еднаквост: Стратешки приоритет, а не споредна белешка
Родовата еднаквост не е само општествено прашање — тоа е паметна политика. Докази од целиот свет покажуваат дека кога жените се економски моќни и вклучени во носењето одлуки, мировните договори траат подолго, економиите растат побрзо, а заедниците стануваат поотпорни.
Сепак, инструментите за финансирање на ЕУ често ја игнорираат оваа вистина во пракса. Пречесто, родовите аспекти се површно споменати или целосно отсуствуваат од големите финансиски механизми. Граѓанските организации — особено оние предводени од жени и посветени на женски прашања — често се борат да добијат значајна поддршка, и покрај тоа што имаат докажана улога во градењето на инклузивни и отпорни заедници.
Следната ПФР мора да го промени тоа.
Што препорачува Мрежата на Жени на Косово
Во нашата поднесена препорака до јавната консултација за ПФР, ги дадовме следниве три клучни препораки:
- Примена на родово одговорно буџетирање на сите ЕУ-фондови
Ова значи систематско разгледување на тоа како буџетските распределби и трошоци различно влијаат врз жените и мажите, со цел да се прилагодат за унапредување на еднаквоста. Исто така, бара сите програми и проекти да содржат цели за родова еднаквост. - Посебни буџетски линии за женски граѓански организации – вклучително и во безбедносни буџети
Како што ЕУ го зголемува своето трошење за безбедност, таа не смее да ги занемари своите обврски според Агендата за жени, мир и безбедност (WPS). Локалните женски организации имаат клучна улога во изградба на мир, рано предупредување и превенција на конфликти — области што традиционалните безбедносни актери често ги занемаруваат. - Воспоставување на измерливи цели, таргети и индикатори за родова еднаквост
Она што се мери, се реализира. Следната ПФР треба да вклучува специфични и измерливи цели за родова еднаквост, вклучително и индикатори на ниво на резултати, ефекти и влијание. Ова ќе овозможи транспарентно следење и отчетност низ сите сектори – од земјоделство до дигитални иновации и дипломатија.
Без вакви таргети, јасна рамка за следење и механизми за отчетност, родово сензитивните буџети на Западен Балкан ризикуваат да останат само добронамерени ветувања без реален импакт. Тоа е токму просторот во кој ЕУ треба да интервенира преку своите надворешни инструменти за финансирање.
Зошто токму сега?
Следната ПФР ќе го обликува начинот на кој ЕУ ќе ги троши средствата од 2028 година па натаму — деценија што е клучна за климатска акција, глобална стабилност и дигитална трансформација.
Европската комисија, под вториот мандат на претседателката Урсула фон дер Лајен, вети пофокусирана, пофлексибилна и поефективна ПФР. Нејзината визија е да биде „Комисија за инвестиции“ — институција што ги реализира клучните стратешки приоритети. Родовата еднаквост мора да биде еден од тие приоритети.
Додека ЕУ ги ревидира своите инструменти за надворешна акција, особено во региони како Западен Балкан каде што има силно влијание, таа има и одговорност и можност да биде пример. Може да покаже дека инклузивни, родово одговорни политики не се луксуз, туку предуслов за одржлив развој и демократска отпорност.
Што се надеваме дека ќе видиме
Кога Европската комисија ќе ги претстави своите предлози за следната ПФР во 2025 година, сакаме да видиме храбра и јасна посветеност на родовата еднаквост. Тоа значи:
- Посебни буџетски линии за иницијативи за родова еднаквост
- Задолжителни родови анализи за сите предлози за финансирање
- Континуирана вклученост и финансирање на женски граѓански организации, особено во областа на мирот и безбедноста
- Интегрирање на родово сензитивни индикатори во сите инструменти за финансирање
Родовата еднаквост не смее да остане спореден приоритет или „мека“ политика. ЕУ не може да ги испорача своите стратешки интереси – било тоа да е мир, безбедност или одржлив развој – без да инвестира во родова еднаквост. А таа инвестиција почнува од буџетот.
Да се погрижиме следната надворешна ПФР на ЕУ да не зборува само за еднаквост — туку и да ја финансира.