header-image

Огромен интерес за првиот вебинар на тема „Родовата еднаквост и климатските промени“

На денешниот вебинар за родова еднаквост и климатски промени, во рамки на проектите „Низ женски леќи: покревање на политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“, финансиран од Европската унија и „Мрежа за родов надзор на буџетот во Западен Балкан и Република Молдавија“, помогнат од Австриската агенција за развој и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка учествуваа повеќе од 100 учесници. Невладините организации, здруженијата и организациите од регионот на Западен Балкан и Република Молдавија го продлабочија знаењето по однос на  родовата еднаквост, родовите трансформативни активности и климатските промени, а дискутираа и за пристапот за следење на родовото-одговорно буџетирање во финансирањето на активностите за климатски промени.

Со поздравни обраќања настанот го отворија извршната директорка на Центарот за истражување и креирање политики, Марија Ристеска и Ирена Иванова, програмски менаџер од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија. Ристеска истакна дека родовата еднаквост во секторот климатски промени е сé уште во фаза на истражување, а улогата на граѓанските организации треба да се искористи за да се зајакнуе дијалогот во таа насока,но и да се потенцираат различните потреби и последици што ги предизвикуваат климатските промени врз мажите и жените.  . Во својот воведен говор, Иванова истакна дека  регионалениот пристап треба да донесе резултати во креирањето нови идеи и пристапи каде компонентата за родова еднаквост ќе биде составен дел. Според Иванова, жените можат да играат значајна улога во справувањето со климатските промени и ублажувањето на последиците од нив, имајќи ги предвид постојните околности во регионот, односно нивната воспитна улога на своите деца, што пак може да помогне во подигањето на свеста и спознавање на вредностите.

Вишња Бачановиќ, како прва говорничка, ги запозна учесниците со прашањата што ги поврзуваат родот и климатските промени, како што се земјоделството и користењето земјиштето, донесувањето одлуки, субвенциите и неплатена работа, што пак доведува до нееднаквости, за штотрансформативни одговори треба да дојдат од соодветните власти. Таа исто така се осврна на родовата анализа, следењето на родовото-одговорно буџетирање и застапувањето како алатки за надминување на постојните  јазови. Таа истакна дека феминистички зелен договор и зајакнувањето на еко феминизмот се исто така алатки за решевање на предизвиците.

Јана Ангеловска, консултантка од земјава, се осврна на политиките за справување со климатските промени и Зелениот договор. Го претстави и Протоколот од Кјото, како и договорот од Париз, но и тековните предизвици со кои се соочува Северна Македонија по однос на исполнувањето на меѓународните заложби.

Михалак Кирјо, директор на Центарот за ресурси за животната средина од Албанија, се осврна на две истражувања, едното за управување со водите, а второто за поврзано со биодиверзитетот. Имено, во Националната стратегија за биодиверзитет од 2015 година, се користи родово слеп јазик и одредби, што не е случај со Националната стратегија за интегрирано управување со водни ресурси, каде што преку скрининг на зборовите забалежливо е значајно подобрување. Главните поенти од неготово излагање беа фокусирани кон поголема застапеност на жените во дијалогот за политики, зголемувањето на можностите за вработување, олеснување на пристапот до финансиски ресурси и подобрувањето на продуктивноста.

Како последен говорник, Емина Веjовиќ од Архус центарот од Босна и Херцеговина, го претстави случајот со реката Крушчица каде феминистичкиот активизам беше клучен за запирање на изградба на хидроцентрала на соодветната река и зачувување на животната средина. Таа истакна дека се прават големи напори во насока кон одржливи и конкретни законски измени што ќе обезбедат строга регулатива за спречување на градење во заштитените подрачја.

Како завршна активност, следеше дискусија модерирана од страна на проектната менаџерка на ЦИКП, Љупка Трајановска. На дискусијата се разговараше за улогата на граѓанското општество во следењето на финансирањето на активностите за ублажување на климатските промени, модалитетите за финансирање, како и неопходните вештини кои треба да ги поседуваат граѓанските организации за успешно следење на оваа тема од родов агол.