Search

Зошто Македонија е високо на скалата на менструална сиромаштија? - Подкаст / интервју со Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“

Златко Симоновски:  Почитувани посетите на страницата на Мрежата за родов надзор на буџетот за Западен Балкан и Република Молдавија, добредојдовте на првото од серијата интервјуа со македонските подгрантисти. Низата од шест разговори колку што имаме и подгрантисти во рамки на проектот подржан од Австриската агенција за развој и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка ја започнуваме со Наташа Доковска, директорка на здружението „Новинари за човекови права“. Наташа благодарам што ја прифативте поканата.

Наташа Доковска: Благодарам Златко за поканата да бидам дел од овој разговор.

Златко Симоновски: Која е целата на Вашата родово-буџетска иницијатива во рамки на проектот Мрежа за родов надзор на буџетот за Западен Балкан и Република Молдавија?

Наташа Доковска: Ние тргнуваме од една тема која станува сé попопуларна, а тоа е пристапот до средствата за управување со менструалната хигиена. Наша цел е да направиме анализа на трошоците во поглед на пристапот за секоја жена до менструални прозиводи имајќи предвид дека имањето ваков пристап овозможува достоинствено и нормално одржување на овој вид хигиена, а со тоа и здрави генерации.

Златко Симоновски: Веќе спроведовте најголем дел од истражувањето. Кое се првичните наоди?

Наташа Доковска: Првичните наоди се дека Македонија за жал е далеку од овозможувањето сите жени да имаат право на управување со менструалната хигиена, од сите оние аспекти, како што се пристап до тоалети, соодветни услови во тоалетите и она што е најважно управување со менструалната хигиена за време на работа и на училиште. Најчесто вратите во училишните тоалети се скршени, девојчињата се срамат да ги гледаат, ретко има хартија, нема вода во самите тоалети, а од друга страна имаме висока цена на производите. Тие не се досптани до сите жени и не е развиен системот на бесплатни производи како што веќе голем дел од членките на ЕУ имаат, не е регулиран ниту менструалниот одмор, односно деновите во месецот  кога жените не се во можност да одат на работа, лековите кои се примаат за време на циклусот не се на т.н. „бела листа“. Тие не се бесплатни што го оптоварува семејниот буџет и прави жените да се откажат од правилно управување со менструалната хигиена. Имаме голем број жени што не можат да си ги дозволат влошките или тампоните и замислете користат хартија. Тоа е здравстевно неприфатливо и предизвикува голем број инфецкции. Од разговорите кои ги имавме со Институту за јавно здравје, бројот на инфецкии кај жените е зголемен за 72%. Една од причинте е ненавармено менување на производите и користење сé што ќе се најде дома.

Златко Симоновски: Македонија е една од ретките земји каде менструалната чашка сé уште е непознаница. Зошто?

Наташа Доковска: Прво немавме никаква кампања за тоа. Скептицизмот е голем бидејќи жените не знаат што тоа значи. Според СЗО и низа здравствени организации, таа е идентификувана како најбезбедна за користење. Кај нас поради високата цена, односно првично високата цена, жените се откажуваат, несвесни за придобивките. Чашката ја плаќаме денеска, а ја користеме во следните шест години. Непознавањето на придобивките е причина зошто малку жени ја прифаќаат оваа варијанта. Државата немапше слух да ја подржи оваа инцијатива, односно да ја субвенционира- дали преку субвенции дали преку намалување на ДДВ-то и цената. Мислам дека особено младите би ја прифатиле менструалната чашка. Чaшката исто така влијае и на менструалниот отпад. Македонија одлага 6.5 – 7 милиони парчиња менструален отпад, т.е. прозиводи кои содржат пластика, која пак се расложува околу 500 години. Со користењето на менструалната чашка се намалува количината на отпад. Следствено на ова, работниците кои работат во претпријатијата за одржување на водоводот и канализацијата, велат дека најголем дел од проблемите доаѓаат од несоодветно одлагање на менструалниот отпад.

Златко Симоновски: Производите за менструална хигиена се оданочени со редовната стапка од 18% ДДВ. Велите дека ова е чиста дискриминација по однос на полова припадност. Зошто имате ваков став?

Наташа Доковска: Прозиводите за менструална хигиена не се луксузна роба, т.е. не може да бидат оданочени со стапка од 18%. Тие треба да бидат широко достапни до секоја жена и девојка. Тоа е полова дискриманција бидејќи се однесува само за жените. Во поглед на целите за одржлив развој, во подточката 6.2, за прв пат се споменува менструалната хигиена и една од целите е секоја жена да има пристап. Оттука, еден до начините е намалување на цената преку намалување на ДДВ или негово целосно укинување или субвенционирање од државата. Кога опаѓа куповната моќ на граѓаните, во семејство во кое има неколку жени и треба да одделуваат од 1200-2000 денари за управување со менструалната хигиена, со сигурност нема да го прават тоа. Ќе користат хартија, девојчињата нема да одат на училиште, што е осбено случај со ученичките од руралните средини. Тоа прави Македонија да биде високо рангирана на скалата за менструална сиромаштија. Кога почнавме да работиме на ова пред пет години, нé прашуваа од каде ви се овие инфомрации и сл. Сепак, МТСП неодамна излезе со информација дека 74 училишта не ги реновирале тоалетите 15 години, а другите 10 години. Можете да замислите на што тоа личи…

Златко Симоновски: Ова е темел и на Вашата родово-буџетска иницијатива. Кои алатки планирате да ги превземете во поглед на застапувањето, која ќе биде главната порака и кон кого ќе ја упатите?

Наташа Доковска: При крај сме со анализата на трошоци за менструалните производи и достапноста. По завршувањето, ќе започнеме со кампања на 28-ми мај, денот на менструалното здравје кога и ќе ја поднесеме до Владата нашата иницјатива за исфрлање на ДДВ-то од менструалните производи. Заедно со повеќе организации, ќе побараме Минситерството за финансии да прејде на намалување или отфрлање на данокот за овие производи, а ќе им понудиме и начин како училиштата да бидат снабдени со менструални производи за секое девојче на почетокот на месецот да добие бесплатни менструални производи.

Златко Симоновски: Што очекувате на 28-ми мај? Ќе имаат ли надлежните слух?

Наташа Доковска: Искрено малку сум збунета и не знам што да одговорам на ова прашање. Пред изборите, сите политички партии нé побараа и рекоа „ајде да го ставиме ова во програмите“. Откако дојдоа на власт и завршија изборите – ги нема. Сега имаше две иницијативи од две политички партии кои се заинтересираа, но застана тука. Кога ќе споменеме намалување или изземање на ДДВ-то, никој не сака да разговара на таа тема и се повлекуваат. Ние ќе си го „буткаме“ нашето. Имаме поддршка од Кабинетот на претседателот и ќе ја поддржат иницијативата, а за слухот не знам. Кога се бара намалување на даноците, веднаш имаме прашања „од што ќе живее државата“, но треба да мислиме и „како ќе живееме“. Како ќе живееме ако жените не се во можност да купат вакви производи. Ајде да направиме ова да биде пристојно место за живеење.

Жените и тоалетите долж македонските патишта - приказна без крај? - Подкаст/интервју со Гордана Мицова Несторовска, директорка на здружението „Радар“

Почитувани посетители на страницата на Мрежата за родов надзор на буџетот во Западен балкан и Република Молдавија, повторно ви посакувам добредојде на второто интервју, од вкупно шесте со македонските подгрантисти, поддржано од Австриската агенција за развој и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка. Овој пат разговараме со Гордана Мицова Несторовска,  директорка на здружението „Радар“.

Би започанл со прашањето околу целта на Вашата родово-буџетска иницијатива?

Како жена која што последниве 5-6 години интензивно работи на терен и патува низ Македонија, забележувам дека нема каде да се застане додека се патува. Откако започна коронота и првичните најави за мерки, уште повеќе дојде до израз потребата да се има каде да се застане и да се извршат основните физиолошки потреби кога се патува. За тоа, потребно е чист толает. Она што е забележително на македонските патишта е тоа што само 2-3 бензински пумпи имаат чисти толаети каде може да се извршат потребите, измијат рацете и сл. Имено, тоа сакавме да го провериме, колку државата, однсоно Јавното претпријатие за државни патишта има обврска да прави такви јавни тоалети долж макепднските аптита. При регистрацијата плаќање давачки, плаќаме патарни, а како граѓани немаме каде да застанеме. Со овој проект сакаме да направиме преглед каде сé има достапни тоалети, каква  е состојбата и колку се одржуваат од регистрацијата и патарините.

Имате направени пробни возења по македонските патиштата. Каква е состојбата на автопатот кој води до грчката граница?

Тој пат нема ниту еден тоалет, а потпаѓа под европската регулатива и според неа на одреден број километри треба да има јавни тоалети и место за одмор. Според сегашаната сотојба, има само паркиралишта. Триста денари е патарината во еден правец. За тој износ треба да има соодвенти услови, однсно да има простор за застанување и да има нормален тоалет, односно да не влегуваме по бензински пумпи, по неуредни шупи и сл.

Спроведовте и неколку фокус групи.  Што е е главниот наод од нив?  

Разговаарвме со малку помалку мажи од жени. Многу малку жени се осмелуваат да возат надвор од градот. Тоа е така бидејќи не се чувствуваат сиргурни доколку им застане возилото, имаат дефект или се соочат непрописно возење од другите. Особено ова важи за мајките со мали деца кои нема каде да застанат да се измијат или одморат. Од друга стана, жените не се задоволни како се обележани патиштата. Белите линии се слаби и при дожд и зајдисонце тие не се видливи. Исто така нема добри банкини и т.н. „мачкини очи“. Со тоа жените не се чувствуваат сигурни да возат, особено ноќе. На ова реагираат и мажите и велат „ Да, така е. И нам ни треба тоалет“. Мислам дека ова е добар проект во насока на покревање на јавната свест за хигиената. Извршувањето на основните физиолошки потребни не е луксуз, туку основно право и потреба.

Какво е меѓународното искуство во овој поглед?

Тие автопати што се категоризирани имаат препораки како треба и каде треба да имаат тоалети. Дури има и препораки од разни институции и проекти врз основа на потребите како треба да изгледаат тоалетите и на колку киломтери треба да има места за домор. Доволно е да се огледаме во Грција. На авотпатот кој води до Јанина, на повеќе места има одморалишта за застанување со тоалети, чешми и сл. Има и телефонски кабини каде може да побарате помош на пат ако нешто ви се случи.

Ова е сооебно важно во време какво што живееме сега – пандемија?

Апсолуно. Мора да има место каде луѓето ќе застанат, едностано не треба да влегуваат во ресторани. Хигиената е најбитното нешто за справување со ова.

Чинам дека и пилот дизајн на тоалет е дел од анализата?

Да, имаме предивдено и чинење на еден „добар тоалет“. „Добар тоалет“ значи да биде достапен за лица со посебни потреби, да има посебни кабини, но во нив да има чешма за да се одржува хигиената, вклучително и менструалната хигиена. Сакаме да видиме што ќе значи да се постават системи за топла вода со сончево напојување или самоддржлив систем. Не секогаш местата имаат светло, пристап до вода и комунална инфраструктура. Сакаме да биде тоа затворен систем, со сопствено напојување и прочистување.

Ми споменавте дека овие проблеми ги одвраќаат жените од дејноста „превозници“?

Видете, многу малку жени имаме кои работат како дистрибутерки или превознички. Ние досега разговаравме со неколку претпријатија што вршат превоз и патуваат на меѓународно ниво. Ни беше кажано дека жените не се јавуваат на огласите, а кога ќе прашате жена ви вели дека би патувала, но само ако има некој со неа. Тие се несигурни дека можеби ќе им дофрлаат, ќе има товар што не може да го кренат и сл. Возењето камиони е лесно, имаат современа технологија со хидарулика, но проблем е втоварот и истоварот. Не знаев дека треба да има посебна дозвола за вилушкар. Во многу ситуации тоа го прават возачите. Друг огрничувачки фактор е како жената ќе биде перцепирана во општеството ако вози. Ретко се нафаќаат бидеќи проблем е и застанувањето и тоалетот. Се спремаат психолошки дека нема да пијат вода во следните три часа за да нема потреба да застанат за во тоалет. Која е убавината на патувањето тука? Правиме стрес на телото.

Кои алатки планирате да ги превземете во поглед на застапувањето, која ќе биде главната порака и кон кого ќе ја упатите?

Побаравме пристап до јавни инфомрации и побаравме проценка и податоци од МВР колку жени-возачи има и колку се регистрирани. Побаравме податоци и од Јавното претпријатие за државни патишта, но ќе ги искористиме нивните годишни извештаи. Сакаме да видиме колку пари се собираат од патарини и регистрација, а од друга стртана која е обврската за одржување на патиштата. Сакаме да видиме и што државата потпишала и се обврзала како своја обврска да преземе за нивно одржување. Ќе направиме проценка за „добар тоалет“ и нивно поставување и одржување. Ќе следат и интервјуа со лекари околу физиолошките состојби додека човек патува, потребата за вода и сл. Сите компоненти ќе бидат поврзани. Се надевам дека ќе имаме интересни пдоатоци на крај, особено околу средствата што се одвјуваат за одржување на патиштата и што добиваат граѓаните од тоа.  

Субвенциите и руралната жена - толку блиску, а сепак недостижно - Подкаст / интервју со Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална коалиција

Почитувани посетители на интернет страницата на Мрежата за родово одговорно буџетирање за Западен Балкан и Република Молдавија, добар ден. Продолжуваме со интервјуата со македoнските пдогрантисти. Овој пат со Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална коалиција кои работат на мошне важна тема – пристапот и можностите на руралната жена за помош за развој на земјоделската дејност.

Која е целата на Вашата родово-буџетска иницијатива во рамки на проектот Мрежа за родов надзор на буџетот за Западен Балкан и Република Молдавија?

Благодарени на вас и на ЦИКП, како и на проектот Мрежа за родов надзор на буџетот за Западен Балкан и Република Молдавија имаме можност да го истражиме делот колку мерките и програмите во делот на руралниот развој и земјоделство се родово сензитивини и дали концептот на РОБ е земен предвид кога се планираат мерките и програмите за рурален развој. Исто така ја истражувавме и Мерка 1 од ИПАРД програмата и токму тука се фокусираше нашата иницијатива – да видиме дали овој концепт го има, до кој степен и можностите за подобрување. Имено, ваквите концепти кај нас се сé уште на почеток и сакаме да понудиме препораки за подобрување.

Кое се наодите од Вашето истражување? Со какви предизвици се соочува рурална жена во поглед на помошта за поддршка на земјоделството?

Како што споменавте, ние долго време работиме и на родовата еднаквост во руралните средини. Состојбите не се многу добри и не е за пофалба положбата на руралната жена и покрај тоа што ние сакаме да се прокламираме како родово еднакво општество. На терен не е така. Направивме поголемо истражување со мажи и жени од руралните средини, ги вклучивме и институците, направивме едно пообемно истражување во однос на мерките и можностите за јакнење на руралната жена. Оттука, има доста каде и што да се работи. Најпрво, би го споменала делот на информациите. За да се пријавите за одредена помош или субвенција, треба да знаете дека воопшто постои таква мерка. Од 160 испитаници, дури 69% немаат лесно достапни информации, а тоа се најчесто жените. Или пак она што го добиваат не е доволно јасно. Мора да го напоменам и делот со последиицте од ковид-19. Дури 84% од семејните земјоделски стопанства се погодени и ги чувствуваат негативните последици. Сепак, во ниту еден аспкет од пакетите мерки за помош не беа опфатени жителите и руралните жени за економско закрепнување. Исто така проблем е што се невработени и не се евидентирани како такви во системот, односно не се пријавуваат во агенциите. Живеат од семејните приходи, односно од приходите што ги остварува мажот. Ако ве нема во системот, системот не може да ви пружи мерки за помош или поддршпка. Жените исто така се соочија и со зголемен психолошки и физички притисок бидејќи се зголеми времето за грижа за деца и возрасни лица во пандемијата. Исто така требаше да се помага и на децата со учењето на далечина, а од друга страна имаме и недоволна дигитална писменост. Би го напоменала и тоа што жените немаат искуство во пополнувањето пријави. Имено, 81% од нив никогаш не подготвиле пријава за било кој повик.

Тоа е загрижувачки податок. Од друга страна, традиционалните вредности и стереотипи се сé уште присутни. Колку тоа влиаје на економското зајакнување на руралната жена преку работа во земјоделството?

Во делот кога говориме зошто не се регистирани, првиот услов е да имате имот на свое име. Најчесто тоа земјоделките го немаат токму поради фактот што сé уште преовладуваат традиционалните вредности и имотот се пренесува на машките членови во семејството. Имено, жената придонесува во економскиот дел, како на пример преработка на сливи и производство на џемови, но заради тие стереотипи нема имот и не може да се регистрира како индивидуална земјоделка, а со тоа и да аплицира за мерките и да се јакне нејзината економска положба. Кај постарите членови уште преовладуваат тие стереотипи, а исто така проблем е и тоа што жените помеѓу 80% -89% не се вклучени во одлуките во самиот дом, односно семејството. Тоа се пресликува и во месните заедници, во општинските совети… Жените никаде ги нема. Имаше и такви изјави во кои се вели дека „мажот најдобро знае што му е потребно на семејното земјоделско стопанство и затоа тој е присутен на собирите и се слуша неговиот глас“. Тоа е нависитна сериозна пречка за унапредување на руралната жена.

Направивте и проценка за да се надминат овие состојби. Што конкретно предлагате, кои активности? Дали тоа повлекува многу пари и сметате ли дека тоа може да го издржи ресорното министерство?

Да, најголемиот дел од она кое што го анализиравме, со оглед на податоците коишто ги добивме од терен во делот на достапноста информациите. Кога станува збор за достапноста на информациите, не само да се даде информација дека е објавен повик туку и да се објасни добро како на тој повик може да се аплицира и сите останати информации, сé со цел да биде зголемен бројот на апликациите. Ќе споменам исто така еден пример, кај нас во 2019 година за прв пат беше објавена Мерката 115 која што беше исклучиво наменета за жени. Истата, иако беше објавена во период од еден месец, во рамките на истражувањето коешто го правевме, дури повеќе од половина од жените, односно 56% не ни имале информација дека ваквата мерка воопшто постои, а камоли пак да аплицираат за таа. Тука предлагаме пред сé да се зголеми степенот на достапност на информациите за програмите, мерките, начините и тоа нема да чини многу средства затоа што во најголемиот дел ваквите средби на терен веќе се прават, меѓутоа тоа многу повеќе се прави како проформа. На терен пред сé е вклучена Агенцијата за поттикнување на развој за земјоделството, државни службеници имаме на терен, а она што дополнително ќе треба да се направи е информациите да се достапни на лесен и разбирлив јазик, водич или кратки упатства, летоци, дури и да се пренесуваат од врата на врата, да се организираат помали средби во малите рурални средини. Веќе има една таква мрежа на поставеност и може лесно да се внесе во нивните планови и не треба да се прават некои дополнителни оптоварувања. Неформалната едукација исто така е потребна, особено мотивација кај жените во делот на познавањето на концептот на родово-одговорно буџетирање и воопшто на самиот концепт на родова еднаквост, затоа што над 68% од жените имаат минимално до средно познавање на концептот на родова еднаквост, што е навистина мал процент. Тука исто така треба да се бараат и други мерки затоа што Мерка 115 е една и прва мерка којашто е таква, меѓутоа сметаме дека е премногу мала. Тој дел на неформалната едукација исто така не би повлекол многу средства. Ние дури направивме одредени пресметки, ако се организираат по две обуки во рамките на секој плански регион во една година, то би чинело грубо околу 10.000 €, што сметаме дека за Министерството за земјоделство воошто и не е некоја огромна сума и тука ние како граѓански организации и останатиот сектор кој би се вклучил би придонеле многу. Во рамките на самата програма за рурален развој, а и во делот на ИПАРД програмата, има сегмент за техничка поддршка, којшто може да се искористи за делење на летоци, водичи и за организирање дополнителни настани.

Исто така мислам дека имате предвидено и обуки за вработените во министерството?

Да, да. Еве и во овој тренд на пандемија како што живеевме, имаше и позитивни ефекти, особено во делот кога научивме како да функционираме и онлајн, а и сме сведоци дека се поголем и поголем број институции влегуваат во еден ваков вид на обуки. Во рамките на Министерството има посебна работна група за родова еднаквост и економско јакнење во коешто има членови од сите чинители, вклучувајќи научни институции, граѓански организации, министерства и таа група може да дообучи од аспект на родово-одговорно буџетирање. Исто така нема да предизвикува многу големи трошоци или одредени обврски како што се објавување на извештаи за еднакви можности на мажите и жените, што е со закон предвидена обврска за објавување на годишно ниво и сите такви извештаи во моментов не можете да ги најдете или нема родово-разделена статистика од страна на Агенцијата за финансиска. Најголемиот дел од финансиските импликации би биле во делот на зголемување на поддршката на целата мерка за економско јакнење Мерка 115, меѓутоа исто така и околу креирањето на нови мерки, секако тоа може да оди етапно, година по година за пропорционално да се зголемува поддршката. Во моментов сепак треба да напоменеме дека истата од 180.000 денари е мала, а жените преземаат поголеми или посериозни инвестиции во своето земјоделско стопанство. Уште еден сегмент би споменала, тоа е еден од главните предизвици – недоволната финансиска моќ, којашто ја имаат жените. Кога се аплицира за ИПАРД мора 100% од инвестицијата да ја вложите за да потоа ви бидат вратени тие 50%, па така тука предлагаме тие 50% да бидат покриени од страна на државата, односно уште од самиот старт и другите 50% да си ги надополни сопственикот на семејното земјоделско стопанство. Тоа беше исто така еден од најзначајните предлози кои самиите жени ни го дадоа, односно тие 50% реализација да се доволни, за останатите 50% да се префрлат од страна на државата и да се намали финансискиот товар. Во случај кога немаат или имаат многу мали парцели на имот и н немање кредитни линии преку кои би можеле финансиски да зајакнат, ова би било една мерка којашто исто така е прифатлива во тој дел. Ако се зголемува етапно поддршката за самите жени во однос на финансиите, тогаш би се зголемил и бројот на пријави.

Моето последно прашање е кои алатки планирате да ги преземете во поглед на застапувањето? Која ќе биде главната порака и кон кого ќе ја упатите? Очекувате ли разбирање од надлежните?

Разбирање се надевам дека ќе има од страна на надлежните, особено преку оваа работна група којашто Ви ја споменав. Главната порака која што сепак би ја пренеле би била пред сé до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кој што е и креатор на политиките во делот на земјоделството. Главната порака би била дека сепак мора програмите и мерките да бидат родово сензитивни и подеднакво да ги опфаќаат потребите на мажите и жените. Од страна на Центарот за истражување и креирање политики добивме доста добра менторска поддршка којашто ни овозможи да направиме точни пресметки за како тоа би изгледало по години доколку ова што претходно го зборувавме се оствари. Токму таа анализа којашто веќе ја имаме изработено, каде што се точно наведени пресметките, ќе ни биде всушност и главната алатка којашто понатаму ќе ја презентираме пред сите можни институционални канали, како и преку изработка на документи за јавни политики, вклучувајќи ги и медиумите и медиумска кампања, а сé со цел да извршиме колку што е можно поголем притисок кога станува збор за воведувањето на овие родово сензитивни мерки и воведување на алатките за родово-одговорно буџетирање во рамките на самите институции. Сметам дека тоа се процеси кои институциите нема да ги избегнуваат. Промени се навистина потребни во овој сектор, особено кога станува збор за унапредувањето на положбата на жените во руралните средини.

Дали мерките за вработување обезбедуваат еднаков пристап за мажи и жени? - Подкаст / интервју со со Деспина Туманоска од” Finance Think”

-Почитувани посетители на страницата на Мрежата за родов надзор на буџетот за Западен Балкан и Република Молдавија, проект поддржан од Австриската агенција за развој и Шведската агенција за меѓународна развојна соработка, следи нов разговор со македонските подгрантисти, овој пат со Деспина Туманоска од Finance Think. Деспина, Ви благодарам што ја прифативте поканата.

– Ви благодарам Златко. Поздрав до вашата иницијатива, на ваков интересен начин да ги пренесеме нашите активности до посетителите на вашата веб страна.

– Деспина, ќе може да ни кажете која е целта на вашата родово-буџетска иницијатива во рамки на проектот Мрежа за родов надзор на буџетот за Западен Балкан и Република Молдавија?

– Секако. Најпрво ќе кажам од каде потекна нашата иницијатива за имплементација на оваа активност. Имено, македонскиот пазар на труд се соочува со висок родов јаз во поглед на учеството на мажите и жените, иако во последните години забележуваме намалување на тој родов јаз од скоро десет процентни поени. Сепак, тој е се уште е висок, а ниското учество на жените на пазарот на труд се истакнува како еден од главните предизвици со којшто се соочува нашиот пазар на труд. Тука би споменала дека најголема разлика постои во стапката на активност, при што само околу 46% од работоспособните  жени во земјава се активни, заразлика од 67% од мажите. Висока разлика меѓу мажите и жените постои во стапката на вработеност, при што кај жените тоа изнесува 38% и е многу пониска од онаа кај мажите којашто во 2020 година била 56%. Жените во моментов единствено се во поповолна положба во однос на стапката на невработеност, со оглед на тоа што таа е 1,8 процентни поени пониска во однос на невработеноста на мажите, но мора да забележиме дека овој тренд е регистриран само во последните неколку години, а до 2015 година континуирано стапката на невработеност кај мажите беше пониска од таа на жените. Е сега, што нас не поттикна имплементираме овој проект? Токму можностите за подобрување на позицијата на жените на пазарот на труд и нивно економско јакнење и да испитаме дали и во која мера програмите и мерките на Владата се насочени кон поттикнување на жените да се активираат на пазарот на труд од една страна, но и олеснување на процесот на нивно вработување. Поконкретно, целта на нашата акција е да направиме родова анализа на активните мерки за вработување коишто се дел од оперативните планови за вработување што ги администрира Агенцијата за вработување на С. Македонија и секако квалитативна анализа на ставовите на креаторите на овие мерки и искуствата на корисниците, особено на жените, за дизајнот на мерките и можностите што ги нудат за подобрување на нивната позиција на пазарот на труд.

Деспина, веќе споменавте дека жената е во подредена положба во споредба со мажите во поглед на пазарот на трудот… ќе ни кажете што се причините за тоа? Зошто е тоа така?

– Точно. Жената е континуирано во една инфериорна положба на пазарот на труд во земјава, а главна причина за тоа е нејзината традиционална улога за грижа за семејството, домот, а особено за децата. Голем број на жени се неактивни, заради тоа што мора да се грижат за  домот и за нивните деца,што пак од друга страна е резултат на недостигот односно недоволниот капацитет на Центри за ран детски развој каде што може децата да бидат згрижени и со тоа да се ослободат жените за да имаат слободно време коешто би го  искористиле за нивно вработување или активација на пазарот на труд. Нивната традиционална улога за грижа на домот и семејството, се главните причини зошто голем дел, над половина од работоспособните жени во земјава се неактивни.

– Деспина, кои ќе бидат препораките коишто ќе ги поставите пред надлежните?

– Нашите препораки се концентрирани врз четири аспекти. Прво, како да се поттикне активацијата на жените. Тука предлагаме некои конкретни мерки коишто ќе ја поттикнат нивната активација. Потоа, како да го поттикнеме женското претприемништво. Третиот сет на мерки што го предлагаме се однесува на олеснување на улогата на жените во домот, со што видовме дека тоа е една од главните причини зошто тие не учествуваат на пазарот на труд. На крај, мерките за едукација и формирање се неопходни со цел точна информација да стигне до секоја работоспособна жена за да информирана, но и поттикната за да се вклучи на пазарот на труд.  Во рамки на овие четири сета на мерки, ние веќе имаме развиено конкретни мерки и би започнала со мерките за поттикнување на активноста жените. Тука предлагаме две конкретни  мерки. Прво, да се воведе еден процес на активација чекор по чекор. Што тоа значи – не директно неактивната жена од дома да се однесе во компанија за да работи, туку прво неактивните невработени лица  да учествуваат на мотивациски обуки, потоа да подлежат на еден процес на менторство и на крај да се вклучат во некоја од постојните активни мерки за вработување. Другата мерка којашто ја предлагаме е воведување на период на адаптација, во кој невработеното лице што користи социјална помош може истовремено да биде корисник и на активна мерка за вработување за да се спречи стравот од непосредно губење на помошта од државата. Во наши претходни истражувања сме заклучиле дека токму стравот дека ќе ја изгуби социјалната помош од државата доколку најде работа е една од причините зошто голем број на жени не се осудуваат да се вклучат на пазарот на труд.  Вториот сет на мерки на поттикнување на женско претприемништво може да се реализира со зголемување на буџетот за имплементација на активните мерки за вработување, особено на мерките што целат кон директно вработување, како што се грантовите за самовработување и субвенционирање на плати. Оваа мерка е врз база на нашата анализа која покажа дека буџетот издвоен за имплементација на активните мерки за вработување континуирано расте. Тој веќе и надмина една милијарда денари, меѓутоа во однос на вкупните буџетски расходи, нивното учество е навистина мало, односно само околу 0,6%. Сметаме дека со алоцирање на повеќе буџетски средства во овие оперативни планови за активни мерки за вработување може да се поттикне женското претприемништво. Второ што заклучивме е дека помал дел од корисниците на мерки коишто водат кон директно вработување, како грантови за самовработување и субвенционирање на плати се жени, односно само 1/3 од корисниците на грантови за самовработување се жени, наспроти речиси 70% од корисниците коишто се мажи. Со цел поттикнување на женското претприемништво, ние предлагаме воведување квота од најмалку 40% учество на жените во оваа мерка и таа квота континуирано да се зголемува во секој нареден оперативен план за вработување. Друго што нашето истражување покажа е дека стравот од започнување ои водење бизнис е една од поглавните причини зошто жените не се осудуваат да се самовработат и токму затоа предлагаме намалување на трошоците и олеснување на процедурите за основање компанија и помош и поддршка на работењето на компании основани од жени коишто се помлади од три години – зборувам за компании помлади од три години. На крајот, една од главните причини зошто жените не се осудуваат да започнат свој бизнис е ограничениот пристап до финансии. Најчесто, неактивните жени се и финансиски зависни од некое друго лице во своето семејство и немаат своја заштеда којашто би ја вложиле за основање на сопствен бизнис. Оттука, препорачуваме зголемување на пристапот за финансии за компании основани или управувани од жени преку различни видови на грантови, поволни кредити, инвестициски фондови и слично.  Ако зборуваме за третиот сет на мерки што го предлагаме, кои се насочени кон улогата на жените во домот… претходно споменав дека недостигот од капацитети за згрижување на деца во предучилишна возраст е една од главните причини за неактивноста на жените. Предлагамее отворање на нови капацитети, но и воведување продолжен престој за ученици во првите одделенија во основно училиште, може да им овозможи на мајките да се вклучат на пазарот на труд. Од друга страна, освен децата, старите лица се еден вид терет на жените и поради грижата за нив има голем број на жени коишто не можат да се вклучат на пазарот на труд и да најдат работа. Оттука, отворање на нови капацитети за згрижување на стари лица, односно повеќе домови за стари лица, како и други социјални улоги коишто ќе ја олеснат улогата на жената околу грижа и нега на старите лица и ќе им овозможи на жените да се вклучат на пазарот на труд. На крај, она што кај нас е многу малку застапено, меѓутоа во текот на пандемијата видовме дека може да функционира – тоа е работа од дома и скратено работно време. Тие можат да ја олеснат улогата на жената и да направат полесен компромис меѓу работните и домашните обврски. И на крај, последниот сет на мерки насочен кон едукација и информирање на жените за нивната можност да се вклучат на пазарот на труд, но и зошто битно една жена да биде вработена и финансиски независна. Тука предлагаме различни информативни кампањи за рушење на стереотипите поврзани со женско претприемништво, организација на обуки за развој на претприемничката култура и можностите за започнување и водење бизнис, како и интензивирање на улогата во претприемништвото во образовниот процес со цел едукација на младите жени и поттикнување претприемнички дух уште при самиот влез на пазарот на труд.

 

Деспина, исцрпно ни ги претставивте вашите препораки, меѓутоа како последно прашање би Ве прашал кои алатки планирате да ги преземете во поглед на застапувањето, односно која ќе биде вашата главна порака и кон кого ќе ја упатите?

-Наша главна таргет група од самиот старт на имплементација на овој проект секако се носителите на политики, поконкретно Агенцијата за вработување на Р.С. Македонија и Министерството за труд и социјална политика, бидејќи тие се оние коишто ги дизајнираат и креираат овие активни мерки за вработување. Директни состаноци со нив, континуирана комуникација – телефонска или мејл комунијација, испраќање на финалните производи од овој проект се главните алатки кои не само во рамки на овој проект, туку и вообичаено ги користиме. Нашиот куса анализа e една форма којашто произлегува од сите истражувања каде што се наведени резултатите од истражувањето и се дадени конкретни препораки коишто ќе им послужат на носителите на политики, како еден вид на водич за промена на постојните активни мерки за вработување во насока на олеснување на активацијата на жените и нивно вработување на пазарот на труд.

-Деспина, јас Ви благодарам за овој разговор.

 

-Благодарам многу.